Сознанието дека боледува од страшната болест ја поттикнало жената за последен пат да направи нешто за паметење.

Британски блогер и неговата девојка, која боледува од рак во крајна фаза, се обидуваат да посетат што е можно повеќе земји, додека таа се бори со страшната болест.

33-годишната Сабрина Вулф се запознала со своето момче Кеш Батачарја во 2017-та година, во еден паб и веднаш се вљубила во него.

Болеста кај Сабрина била дијагностицирана, кога таа имала само 23 години, при што по хируршка процедура, нејзината десна града целосно била отстранета, а од левата бил отстранет само еден дел. Воедно, постојано била подложена на хемотерапија и терапија со радијација.

Пред 2 години, Сабрина ја напуштила својата работа како медицинска сестра, за да може да му се придружи на своето момче Кеш, на патување околу светот, но во меѓувреме дознала дека болеста се вратила, но овој пат дека последиците ќе бидат фатални. Иако крајот е веќе познат, сепак не се знае колку време й преостанало на Сабрина.

„Не знаев како да му кажам на Кеш дека умирам. Се плашев дека ќе ме напушти.“- вели Сабрина.

И покрај тоа, жената успеала да ги убеди лекарите и да добие дозвола да отиде на патување, ветувајќи дека постојано ќе ги зема препишаните лекарства.

Кога парот пристигнал на Тајланд, кој бил нивната прва дестинација, Сабрина веќе се соочувала со влошени симптоми од болеста, па започнала да се чувствува депресивно.

„Воопшто не му беше лесно на Кеш. Ме замислуваше поинаку, послободна. Затоа решив да му признаам сè. Му реков дека ако сака да си отиде, нека не се двоуми и нека го направи тоа. Му кажав дека го ослободувам, бидејќи не би можела да му го уништам животот, не би можела да се справам со тој товар подоцна“- објаснува Сабрина.

Но, наместо да ја напушти, сосема напротив, Кеш не само што останал, туку инсистирал да ја однесе својата сакана на дополнителни третмани во Берлин.

Бидејќи болеста веќе напреднала, Сабрина повторно ја напуштила својата работна позиција како медицинска сестра и сега времето што преостанува го претвора во документирање на авантуристичките патувања со своето момче.

„Сакам моите последните моменти да ги поминам најквалитетно што можам и да оставам нешто вредно за останатите. Сакам да им го отворам погледот на луѓето кон светот преку моите патувања и мисли“- додава храбрата жена.

Парот веќе посетил бројни земји, а на дел од листата се најдоа и Малезија, Латвија, Канада и В.Британија, и продолжуваат со своите авантури, иако не знаат колку време й преостанува на Сабрина.