Маските се еден од најчесто употребуваните предмети за заштита за време на вируси. За жал, кај нас истите почесто ги употребуваат здравите, а не болните луѓе.

Денес споделуваме златен совет од бугарскиот пулмолог Д-р Александар Симидчев, како правилно се поставуваат маските, со цел нивната заштита да биде навистина ефикасна.

Како правилно се поставува заштитната маска?

„Пред да ја поставиме маската, најпрво треба да ги измиеме нашите раце. Следно, маската треба да се постави со посветлата страна кон лицето, а тврдата да е поставена кон носот. Маската не треба да ја допираме од напред, ниту кога ја поставуваме, ниту кога ја отстрануваме. Еднаш употребена, маската веќе не може да се носи повторно.“ – објаснува лекарот.

„Нашите раце се нашиот најголем непријател. Воедно, нема смисла здравите луѓе да шетаат со маски. Тие треба да бидат употребени од болни луѓе, луѓе кои кашлаат.

Една маска може да се носи не подолго од 6-8 часа. Во моментот кога ќе почувствуваме дека маската станува влажна, истата треба веднаш да се смени. Истовремено, не постои алтернатива со кои може да ги замениме маските. Не може да користиме шал или слично.“ – додава Д-р Александар.

Воедно, тој објаснува дека колку сме поздрави, толку потешко можат вирусите да влијаат врз нашето здравје и затоа исклучително важно е да консумираме балансирана исхрана и да дишеме чист воздух.