И повторно за тиквичките- едноставно не постои начин на кој овој зеленчук може да ни здозади ова лето. А што и да подготвиме со него, е толку вкусно, дури неверојатно!

Наш денешен кулинарски предлог е брз потпечен деликатес со кашкавал, кој се подготвува за 5 минути, се пече околу еден час, а се јаде на масата за секунди!

Вкусниот специјалитет се топи во уста, а воедно добра вест за сите што се на диета- тој е и нискокалоричен.

Потпечен специјалитет со тиквички и кашкавал

Потребни состојки

  • 800 гр тиквички
  • 4 јајца
  • 50 мл масло за готвење
  • 200 гр кашкавал
  • 150 гр гриз
  • 1 кафена лажица сода бикарбона
  • 1 кафена лажица лук во прав
  • 1 кафена лажица куркума
  • Сол, мелен црн пипер и зелени зачини по ваш вкус

Начин на подготовка

Во длабок сад, изрендајте ги тиквичките. Посолете и измешајте ги и притоа оставете ги да отстојат така 10 минути. Потоа, прецедете го сокот кој истите го испуштиле со нивно меко притискање.

За време на тие 10 минути, исечкајте ги зелените зачини и изрендајте го кашкавалот.

Измешајте го гризот и содата и додадете ги во тиквичките. Измешајте добро и оставете смесата да отстои 10 минути.

Во друг сад, на еден куп додадете ги јајцата, солта и мелениот црн пипер, куркумата, лукот во прав и измешајте, а потоа додадете масло за готвење. Откако ќе го додадете и маслото, повторно измешајте ги состојките.

Добиената смеса нанесете ја врз тиквчките, а одозгора додадете ги и зачините со ренданиот кашкавал. Добро измешајте.

Премачкајте ја површината на садот за печење со масло, а потоа додадете ја и смесата. Ставете да се пече во претходно загреана рерна, на 180°C, во времетраење од 45-50 минути.

Готовиот деликатес може да го консумирате и ладен и топол- подеднакво е вкусен!