Градот Битола е познат под името град на конзулите, бидејќи тука се наоѓале конзуларните претставништва на европските земји во времето на Отоманското Царство, и заедно со Солун бил најважно место во европскиот дел на Империјата. Во периодот 1864 – 1912, Битола бил главен град на Битолскиот вилает, еден од трите вилаети во регионот Македонија, а денес, голем дел од конзуларните претставништва во Република Македонија се наоѓаат токму тука.

Низ историјата градот Битола имал многу имиња, во зависност од тоа кој владетел владеел. Словенскиот назив за градот, Битола, потекнува од зборот Обител  кој во средниот век се користел за да опише заедница на монаси (манастир). Името го добил по многуте манастири што се наоѓале во градот и во околината, а некои од нив постојат и денес. Грците градот го нарекувале Монастири.

Со текот на времето, гласот О се исфрла во изговорот на зборот „Обител“, и името на градот станува Бител одностно Битола.  Битола е денешен официјален назив за градот, но истовремено и најстариот назив, судејќи според Битолската плоча од 1015 година на којашто е споменат градот, како и според сведоштвата на многуте војсководци на царот Самуил.

Но постои уште една приказна за името на градот.

Според записите на Марко Цепенков, градот Битола своето име го добил по Тољо. Тој имал своја тврдина во близината на денешното село Буково. Во времето кога дошле Турците да го освојат овој дел од Македонија, за да го повикаат на борба, на Тољо, му велеле „Би Тољо, до би Тољо“, и од тука поеткнува името Битола.