Животни за кои не знаевте дека се „роднини“

Тековните проценки за бројот на видови живи суштества на Земјата се движат помеѓу 5,3 милиони и 1 трилион. Сè, од мали инсекти во дождовната шума Амазонија до огромните сини китови кои пловат низ океаните. Звучи како живеалиштата на нашата планета да се разновидни и навидум неповрзани , но кога ќе погледнеме подетално, се појавуваат чудни „роднински врски“.

Ние сакаме да ви претставиме неколку шокантни семејни стебла кои поврзуваат животни кои на прв поглед изгледаат сосема поинакви.

Китови и крави

Китовите и кравите имаат заеднички предок – мал цицач со витки нозе и копита што живеел во јужна Азија наречен Индохиус (што значи „индиска свиња“). И покрај тоа што овие суштества (со големина на домашна мачка) биле копнени животни, тие имале посебна врска со блиските реки. Доказите сугерираат дека Индохиусот ги користел водите како безбедна зона од предаторите.

Најсилниот доказ дека кравите и китовите се „братучеди“ доаѓа од молекуларниот преглед од кој се дозна  дека најблиските роднини на китовите се група на копитари наречени артиодактили кои вклучуваат крави, свињи, нилски коњи и жирафи. Звучи како семејните собири на овие групи за време на празниците да се доста незгодни.

Луѓе и кенгури

Вие наспроти кенгур во натпревар за трчање – кој ќе победи? Не сакаме да споделуваме лоши вести, но кенгурите можат да трчаат со брзина до 70 км / ч, а рекордот на Усеин Болт за брзина е 44 км / ч (и да не претпоставувамe ништо, но вие не сте Усеин Болт). Значи, кенгурите едноставно се градeни поинаку од нас луѓето?

Не ако зборуваме за нашите геноми. Човечката и кенгурската ДНК имаат некои сличности.

И покрај отстапувањето од нашиот еволутивен пат, кенгурите сè уште делат сличности со своите далечни братучеди – луѓето. Истражувањата покажуваат дека кенгурите се обидуваат да комуницираат со луѓето и да побараат помош „покажувајќи“ во различни насоки. Ова однесување е исто така поврзано со домашни животни како кучиња.

Слонови и морски крави

Излегува дека Пробосцидејците (група животни кои вклучува слонови и мамути ) имаат заеднички предок со морските крави. И покрај нашето знаење за еволуцијата на морските крави кое има значителни празнини и нејасни делови, се верува дека овие животни потекнуваат од цицач со четири нозе (раните форми се појавиле пред околу 55 милиони години). Морските крави и слоновите имаат некои визуелни сличности (голема сурла очигледно не е една од нив).

Птици и диносауруси

Што е прво – кокошката или јајцето? Излегува дека вистинскиот одговор е … диносаурусите!

Птиците што ги гледате како мавтаат со крилјата околу вас, потекнуваат од троподи (група двоножни диносауруси вклучувајќи го и легендарниот Тираносаурус Рекс). Но, целосната трансформација од Т-рекс во мали пилиња дефинитивно не дојде преку ноќ.

Фосилите кои се откриваат ни даваат слика за „преодни“ видови. Во 2018 година, кинеските палеонтолози го открија 127 милиони години стариот  Jinguofortis perplexus. Ова откритие откри важна точка во развојот на летот – кога птиците ја изгубиле опашката која ја има диносаурусот.

Коњи и носорози

Колку би било смешно ако принцот од бајките се појавил на бел … носорог. И покрај тоа што звучи чудно коњите и носорозите, се дел од истата група наречена перисодактила и делат ист предок.

Фосили на животни наречени Cambaytherium thewissi беа пронајдени пред неколку години во Индија. Бидејќи неговите карактеристики се слични со карактеристиките на денешните копитари, се верува дека ова суштество е поврзано со сите перисодактили.

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *