Многу карактеристична состојка, која сите ние ја имаме во домот. Нè маѓепсува со својот впечатлив мирис и јак вкус, а дали знаете колку многу лековити придобивки прозлегуваат од овој зачин?

Карактеристики

Циметот се добива од кората на циметовото дрво кое е типично за пределите на Шри Ланка, Бразил, Индонезија и Индија. Зачинот кој денес е една од главните состојки во домот на сите нас, се смета за еден од најстарите, а во Европа бил донесен во 16-от век.

Има богата кафеава боја, а нам ни е достапен во прав и во форма на стапчиња. Постојат 2 вида на цимет: Цејлонски цимет и касија цимет, видови кои потекнуваат од Индонезија, поконкретно од Бурма.

Цејлонскиот цимет се карактеризира со пикантна арома и се продава како стапчиња, додека пак касија циметот има малку поостар вкус, и најчесто го среќаваме во мелена форма.

Лековити својства

Бројни научни истражувања веќе утврдиле дека циметот ги намалува срцевите заболувања и дијабетесот за дури 23%. Неговиот богат состав со антиоксидантни својства го спречува настанувањето на дијабетесот, а ефикасно помага и при воспаленија и инфекции.

Го спречува настанувањето и проширувањето на леукемијата во организамот, ги отстранува честите проблеми кај дигестивниот систем, ја подобрува мозочната активност и го ублажува артиритисот.

Покрај овие значителни моќни лековити својства, циметот исто така го регулира и намалува нивото на лошиот холестерол, а воедно е извонредна состојка кога помага во ослободувањето од вишокот килограми.

Огромен извор на манган, железо, калциум и хранливи влакна, а содржи и антиоксиданти и феноли кои помагаат при воспалителните процеси, забоболките, лошиот здив и ја омекнува кожата.

Употреба на циметот

Општо познато е дека циметот е одличен додаток во бројни десерти и вкусни јадења. Најчесто употребуваната форма е цимет во прав. А еве нови 2 начина како да ја употребите оваа магична состојка:

Домашна купка

од цимет за отстранување на грубата кожа на стапалата

Потребни состојки

  • 2 кафени лажици мелен цимет
  • Сок од лимон добиен од 5 исцедени лимони
  • 1 кафена лажица маслиново масло
  • Половина шолја млеко
  • Половина шолја вода

Начин на подготовка

Во еден голем сад, во кој би можеле да ги сместите вашите стапала, измешајте ги сите состојки заедно. Откако елементите добро ќе се соединат, ставете ги стапалата во добиената течност и оставете ги да одмараат во истата во времетраење од 15 минути. Потоа исплакнете.

Домашен раствор од цимет за отстранување на лошиот здив

Потребни состојки

  • Половина лажица цимет во прав
  • Половина кафена лажица мед
  • Половина шолја млака вода

Начин на подготовка

Добро измешајте ги сите состојки, а потоа при вашата утрешна рутина за одржување на хигиената на забите, користејќи ја циметовата смеса, исплакнете ја устата. Не само што ќе се ослободите од лошиот здив, свежината ќе трае во текот на целиот ден.