Таа е синоним за хуманост, а денес е 111 години од нејзиното раѓање во Скопје

Гонџа Агнес Бојаџиу е родена на 26 август 1910 година, на тогашната улица “Поп Кочина” број 14, која што се наоѓала на сегашниот плоштад Македонија. Таа била најмалото дете во семејството, имала постара сестра Ага и постар брат Лазар. Податоците за таткото на Гонџа, Никола Бојаџиу, не се расчистени докрај.

Според едни тој бил трговец, а според други аптекарски помошник. Тој бил и член на Советот на Скопје како единствен католик. Мајката Драна била домаќинка и исклучително религиозна жена.

Кога Гонџа наполнила седум години тргнала на училиште, прво во црквата “Пресвето Срце Исусово”, а подоцна и во државното училиште. Во Католичката црква во Скопје, каде што била крстена само еден ден по своето раѓање, ја примила и првата причест. Гонџа, пеела во хор, играла во црковниот и градскиот театар, танцувала, рецитирала, свирела мандолина, пишувала поезија.

Конечната одлука да го напушти Скопје ја донела затоа што на 12 годишна возраст добила повик од Бога.

По 6 години, таа конечно, го напушта родното Скопје. Заедно со мајката Драна и сестрата Ага заминуваат за Загреб, од каде, после две недели, Гонџа заминува за Ирска. Ова е последната средба на Гонџа со своите мајка и сестра.

Подоцна заминува од Даблин  и оди во Бенгал и Калкута во Индија. По само два месеца таа си ја исполнува својата желба и се приклучува кон редот „Лоретски сестри“ во Бенгал. Во Калкута ја дава својата прва заклетва. Потоа е активна 17 години во училиштето „St. Mary’s School“ во Калкута. Најпрво како наставничка, а потоа е унапредена во директор.

Поголемиот дел од животот го поминала во Индија, во земјата која е втора по бројот на жители во светот и чиј главен град е Њу Делхи. Како дом на прастарата цивилизација на индиската долина и област на историските трговски патишта и пространи империи, индискиот потконтинент бил идентификуван со своите комерцијални и културни богатства во поголемиот дел од својата долга историја.

Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Почина во Калкута, Индија, на 5 септември 1997 година по неколку годишна борба со болест на срцето и белите дробови. Во знак на благодарност, индиската влада, на 13ти септември, организира погреб со највисоки државни почести.

Две години по нејзината смрт, Папата Јован Павле II, ја започнува диоцезиската фаза од процесот за беатификација и канонизација.

По беатификацијата на Мајка Тереза, која на 19 октомври 2003 ја извршил папата Јован Павле Втори, таа ја добила титулата Блажена Мајка Тереза. Оваа титула ја носела сè до нејзиното прогласување за светица откако црквата официјално утврдила дека има изведено и второ чудо-лекување на човек од Бразил со повеќе тумори на мозокот.

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *