Места со волшебна убавина: Помалку познати водопади во Македонија кои се одлично место за викенд прошетка

Нашата земја крие многу природни убавини, кои изгледаат како места опишани во бајките. Во оваа магија спаѓаат и водопадите, едни од најфасцинантните природни убавини, кои природата најчесто ги крие од очите на јавноста.

Во продолжение погледнете ги некои од најубавите помалку познати водопади во Македонија

Дуфски Водопад

Водопадот се наоѓа во близината на селото Ростуше, на падините на планината Крчин, сместен во густа шума. Тој претставува ерозивен водопад кој е создаден како последица на регресивното всекување на речното корито на Ростушка Река.

Водопадот се наоѓа на леснодостапно место и за да се дојде до него не е потребен голем физички напор. До него води обележана пешачка патека во должина од илјада и дваесет метри, така што, доколку се пешачи со просечно темпо, до водопадот се пристигнува за половина час. Од половина пат, патеката води по кањонот на Ростушка Река, кој на некои места е длабок и до 100 метри.

Водопад Длабока Река 

Водопадот се појавува со топењето на снегот на пролет. Најголем интензитет има кон крајот на Мај и почеток на Јуни, а понатаму во текот на летото, ја губи  својaта јачина. Кон крајот на летото и почетокот на есента, водата само се лизга по карпите, а во сушни години комплетно пресушува.

Корапскиот Водопад, како што исто така се нарекува, се наоѓа на горниот тек на Длабока Река на планината Кораб. Најблиско населено место е с. Нистрово откаде обично се започнува пешачењето кон водопадот. По околу еден час се стигнува до с. Жужње кое веќе одамна е напуштено, а единствен доказ за некогашниот живот таму се црквата и разурнатите куќи.

Од тука се бира патеката по која ќе се оди кон водопадот. Десната патека оди по течението на реката, претежно низ шумски предел. Тука единствена потешкотија може да претставува преминувањето на реката (два пати) преку импровизирани премини. Додека левата патека започнува откако ќе се помине реката преку мовчето кај црквата. Оваа патека можеби е пократка, меѓутоа е пострмна и помалку безбедна.

Сипковски водопади

Водопадите се сместени 6-10 километри од градот Пехчево во месноста Валевичка Река, што пехчевци ја викаат Брегалница.

Густата борова и букова шума во пехчевскиот дел на Малешевските Планини со векови ги криела седумте водопади кај изворите на Брегалница, која е најголемата река во Источна Македонија. Само два од овие водопади всушност ѝ припаѓаат на Брегалница, а преостанатите се наоѓаат на нејзините притоки Црн Дол, Жолтачка Река и Спиковски Андак.

Во непосредна близина се наоѓа туристичката населба Равна река, каде што може да најдете двата мотела кои располагаат со сопствени рибници и нудат вкусни специјалитети приготвени на традиционален начин. Овде е и излетнчкото место “Бараки” кое нуди простор за одмор и рекреација, дрвени летниковци на кои може да седнете и да уживате во глетката.

 

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *