Ако сакате да се разладите во топлите летни денови упатете се на исток кон малото планинско гратче Берово, сместено под падините на Малешевските планини, обиколено со борова, букова и дабова шума.

Во негова близина ѕирка прекрасното Беровското Езеро. Езерото се наоѓа по течението на Клепалска река, во непосредна близина на градот, поточно на 7 км оддалеченост. Поради релативно високата надморска висина температурите во лето во просек се движат од 23°С до 25°С, додека во ноќите температурата се спушта и до 12°С.

За тоа како го градот го добил името Берово, постојат две верзии. Според првата, името го добил по некој сточар по име Беро. Аргумент за ова е постоењето на таканаречената Берова ливада, во атарот меѓу селата Мачево и Робово, за која се смета дека му припаѓала на овој сточар. Според втората верзија која е поверојатна името Берово произлегло од тоа што луѓето се береле (се собирале) на тоа место.

Кога доаѓате во Берово имате чуство како да сте на крај на светот. Местото нема метеж и изобилува со недопрена природа.

Берово е познато по славните револуционери Дедо Иљо Малешевски и Димитар Беровски, има околу 10.000 жители кои го чуваат културно-историското наследство и ја негуваат традицијата, музиката, храната и фолклорот. Духот на жителите е секогаш ведар насмеан и чист и тие живеат во хармонија со природата.

Прекрасниот пејсаж ќе ви ја врати силата во телото, а манастирите и црквите кои може да ги најдете во околина ќе ви помогнат да најдете душевен мир кој на сите ни е потребен.