Со моменталната пандемија, станавме сведоци на тоа колква е човечката неразумност, но од друга страна и колку голема може да биде нечија добрина и хуманост.

Токму ваков е примерот со 80-годишната баба Надие, од бугарското село Печеница. Таа реши целата нејзината пенција да ја донира во болницата во Исперих, а со скромната сума, старата жена сакала да ја искаже нејзината благодарност кон лекарите и сите медицински лица, за нивното професионално однесување и човечноста, особено сега, во борбата против коронавирусот.

„Подарив од срце. Не ми е грижа за парите. Веднаш штом слушнав дека болницата собира донации, решив самата јас да направам такво нешто.“ – вели баба Надие.

Исклучително трогнат од хуманиот гест е директорот на болницата, д-р Абдулах Заргар, кој лично го примил пликот со донацијата и тоа, токму на неговиот роденден, на 4-ти април, а градоначалничката Севджихан Мехмед, вели дека ова е одличен пример кој треба да го следат сите останати.

„Ние не се осмелуваме да донираме, а таа и покрај нејзината возраст, го направи тоа.“ – истакнува Севджихан.

Авдулах додава дека човек може да биде и милионер и да донира мала сума, но големите луѓе се познаваат по тоа што со мал џеб, своите последни пари ги даваат за вакви хумани дела.