Ајварот е едно од нашите најголеми богатства во традицијата од кое не се откажуваме, дури и кога не можеме самите да го направиме. Но, секако највкусниот ајвар е домашниот, оној приготвен по рецептот на нашите баби, кој совршено се вклопува со топлиот леб и белото сирење. Овој рецепт за ајвар ќе Ви овозможи оваа зима да ја поминете со полн и задоволен стомак.

Состојки:

– 1 вреќа црвени пиперки (околу 25-30 кг),
– 2 литри масло,
– 100 грама шеќер,
– околу 50 мл винска киселина,
– сол по вкус.

1.Пиперките испечете ги, па веднаш по печењето ставајте ги во најлонска ќеса за да омекнат и полесно се лупат. Кога малку ќе изладат, секоја пиперка убаво излупете ја и исчистете ја од семето. Излупените пиперки редете ги на цедалка (најмалку три часа се потребни за убаво да се исцедат).

2.Исцедените пиперки сомелете ги во рачна мелница, па целата смеса префрлете ја во поголема шерпа и ставете на тивок оган.

3.Во текот на пржењето, потребно е смесата постојано да се меша, а маслото постепено се додава по 100 мл на секои 20 минути. Мора постојано да се меша, за не избие маслото на површина.

4.Најлесна проверка за ајварот дали е навистина готов:
-Кога ќе поминете со дрвената лажица по дното на шерпата, треба да се отвори пат, односно да се види дното.

5.Сол и шеќер се додаваат на самиот крај, т.е. последните 20 минути од пржењето.