Сопственичките на природно кадрава коса често пати се во центарот на вниманието, токму поради нивниот впечатлив и раскошен изглед, кој за останатите изгледа навистина егзотично и шармантно.

Сепак, покрај гламурозниот изглед и спротивно на очекувањата дека за кадравата коса не е потребна никаква грижа, освен вообичаеното миење со шампон, всушност локните се многу каприциозни за одржување.

Дамите со кадрава коса може да потврдат дека нивната коса вообичаено е доста сува, што пак доведува до појава на расцветани врвови и губење на сјајот и беспрекорниот изглед.

Затоа од клучна улога е нејзиното правило одржување, а токму за таа цел, за денес ви подготвивме рецепт за една неверојатна домашна маска за локни, која за краток временски период, ќе ви помогне да го вратите блескавиот изглед на вашата кадрава коса.

Домашна маска за кадрава коса

Потребни состојки

  • 1 јајце
  • 1-2 супени лажици маслиново масло
  • 1-2 лажици од обична маска за коса (без разлика каква и да е)
  • По неколку капки арганово и бадемово масло

Начин на подготовка

Се подразбира, количеството на состојките може да варира во зависност од должината на косата.

За подготовка на маската, потребно е да ги измешајте сите состојки заедно во соодветен сад (најдобро е порцелански или стаклен), а потоа добиената смеса се нанесува врз сува, неизмиена коса.

По нанесувањето на маската, одозгора ставете капа за туширање, а потоа завиткајте одозгора со крпа, за да го зајакнете ефектот на смесата.

Најдобро е да ја оставите маската да отстои 2-3 часа, а во идеален случај- да отстои цел ден.

На крај измијте ја маската на вообичаениот начин, со шампон, од кој може да нанесете и двапати, за темелно да ја отстраните смесата од косата.

Третманот може да го практикувате еднаш неделно, а потоа поретко да го практикувате нанесувањето на маската, до 2 пати месечно.