Постојат неколку начини на пресадување на орхидеја во домашни услови. Вообичаено повеќето тоа го прават така што веднаш по купувањето од цвеќара, го префрлаат цвеќето во нова саксија, со нов супстрат.

Пресадувањето на орхидејата е задолжително и кога цвеќето ќе порасне и ќе се расцвета, заземајќи ја целата саксија, при што е неопходно да се премести во нов поширок сад.

Процесот на пресадување всушност и не е толку сложен, како што можеби ви изгледа на прв поглед. Денес ви откриваме како правилно да ја пресадите вашата орхидеја, така што билката ќе ја добие потребната удобност и ќе започне раскошно да цвета.

Како се пресадува орхидеја

Едноставно следете ги овие чекори:

Најпрво супстратот во кој се наоѓа орхидејата, не треба да биде скоро полеван и да е премногу влажен, за да можат корените подобро да се одделат. Внимателно извадете ја орхидејата од саксијата.

Следно добро исчистете го коренскиот систем од остатоците од почвата, но притоа внимавајте да не ги оштетите корените.

Внимателно отстранете ги сите суви, болни и гнили корени на орхидејата, до здравото ткиво и притоа внимавајте во овој процес да не ги оштетите здравите зелени корени.

Вака „оперираната“ орхидеја потопете ја во сад со вода, за да се измијат остатоците од супстратот т.е старата почва и за да корените бидат хидрирани. Можете и едноставно, користејќи туш, да го измиете растението.

Што корените ќе позеленеат, тогаш билката ќе биде спремна за пресадување.

Останува уште еден важен чекор- на местото на кое сте го исекле коренот, потопете ги остатоците во цимет во прав, а истиот ќе ги заштити корените од понатамошни гниење.

Во саксијата во која ќе ја пресадите орхидејата, исипете го супстратот до половина од садот.

Внимателно поставете го растението внатре и додадете околу и меѓу корените уште супстрат, за да добро се пополнат сите празнини.

Тоа е сè! Не се грижете тоа што сега корените на орхидејата се помалку на број, пред пресадувањето. Коренскиот систем на билката расте и се развива многу брзо, при што за кратко, повторно цвеќето ќе се врати во нормала.