Кое име и да го  изберете, добро му прилега: Ирскиот пат 66 или Дивиот Атлантик пат. Овој пат што води по западниот брег на ирскиот остров полека продира во списоците со најубавите патишта во светот.

Патот започнува од местото наречено Малин Хед – најсеверната точка на Ирска и води до Мизен Хед – најјужната точка на Ирска. Долг е 2.500 километри, а погледот е фантастичен.

Ако започнете од север, можете да застанете недалеку од Малин Хед на полуостровот Фанад, каде што има прекрасен  светилник од почетокот на 19 век.

Патот потоа ве води до карпите на Слиаб Лиаг, највисоките (достапни) „морски карпи“ во Европа кои се протегаат до 601 метар надморска височина. Можеби не се толку познати како карпите на Мохер, но се скоро три пати повисоки.

По карпите, ве чека мало место од големи бранови. Мулагмор е позната дестинација за сурфање на морски бранови, високи до 15 метри. Тие се дел од временските услови што мештаните ги нарекуваат „викиншка бура“. Но, ако не сте искусен сурфер, држете се до автомобилите и патот.

Ким Странд е тивко, рурално, зелено и живописно место покрај морето. Поради својата добра локација, порано го чувале Британците, а потоа и рибари кои тука изградиле мало рибарско село. Денес е популарна плажа и дестинација за љубителите на водените спортови.

Се чини како пат кој вреди да се вози, нели? Па, ние само поминавме низ еден дел!

На половина пат се наоѓа пристаништето Килари, кое Ирците веќе долго време го нарекуваат „единствениот фјорд во Ирска“. Нема да влеземе во локални патриотски расправии со уште двајца или тројца кои тврдат дека и нивното место има фјорд, но ќе застанеме и ќе уживаме во прекрасниот поглед.

На југ нè очекува необичното место Деригимлаг, мозаик од езера обележан со два историски настани. Таму има остатоци од првото транс-атлантско радио уништено во Ирската војна за независност и споменик на пилотите чиј авион се урна тука во 1919 година по летот преку Атлантикот.

Дали воопшто треба да се објасни следната станица? Карпите на Мохер секако се дел од вашата маршута. Издигнувајќи се над Атлантикот, долги 14 километри, овие величествени карпи го добиле името по ирскиот термин за „карпи од урнатини“.

Ако сакате, во јужниот дел на крајбрежјето можете да се одделите кон т.н. Островите Блејкет кои биле напуштени со децении, но ги посетуваат туристи поради недопрената природа, зеленилото и античките остатоци.

Вреди за долгото возење нели? Па кога тргаме?