Доколку ги обожавате и ретко може да им одолеете на ќофтињата од компир, но секој обид за нивно приготвување ви бил неуспешен, за таа цел, за денес ви го откриваме совршениот рецепт за овој специјалитет.

Совршени ќофтиња од компир

Потребни состојки

  • 1.5 кг компир
  • 1 главица лук
  • 1 стебло магдонос
  • Црн мелен пипер- по ваш вкус
  • 300 гр сирење
  • 1 јајце

За панирањето

  • 4 јајца
  • 200 гр лебни трошки

Начин на подготовка

Измијте ги добро компирите и ставете ги да се варат во сад со вода, во која е растворена малку сол. (На 1 литар вода додадете 1 кафена лажица сол).

Варете ги на умерена температура и внимавајте при самото варење да не се распаднат. Откако компирите ќе се сварат, прецедете ги и полејте ги со ладна вода.

Потоа излупете ги компирите, насечете ги на парчиња, а потоа изрендајте ги.

Насечете го лукот и магдоносот на ситни парчиња и додадете ги овие две состојки во компирите. Измешајте добро, а потоа додадете по ваш вкус и од црниот мелен пипер. Веднаш потоа, додадете ги ренданото сирење и јајцето.

Измешајте ги сите состојки заедно, до добивање на една добро соединета структура.

Во две чинии поставете ги јајцата и лебните трошки за панирањето. Во тавата во која ќе ги пржите ќофитњата, додадете масло за готвење, во количина така што кога ќе ги поставите ќофтињата, треба целосно да бидат потопени во маслото.

Загрејте го маслото, а потоа намалете ја температурата на умерена и едно по едно, од формираните ќофтиња од добиената смеса од компири, прво поставете го во чинијата со лебните трошки, а потоа потопете го во другата чинија, во која се наоѓаат скршените јајца. Откако ќе бидат обвиткани во лебни трошки и јајце, ставете ги ќофтињата да се пржат.

Откако ќе бидат готови и ќе ја добијат златната кора однадвор, поставете ги на хартија за печење, која ќе помогне да се апсорбира вишокот на масло.

Почекајте да се изладат и уживајте во чудесниот деликатес!