Неодамна, фоторепортерот на ГМБ Акаш, од Индија, на неговата Фејсбук страница објави трогателен пост, во кој раскажува за судбината на еден човек, кој долги години работел како чистач, за да можат неговите деца да имаат достојно образование.

Образование какво што тој никогаш немал. Во продолжение прочитајте ја приказната на таткото на 4 ќерки:

„Никогаш не сум им кажал на моите деца каде работам – не сакам да се срамат од мене. Кога најмалата ќерка ме праша за мојата професија, секогаш велев дека работам како општ работник. Пред да се вратам дома, секој ден се миев во јавниот тоалет, за да моите деца не откријат што навистина работам.

Сонував сите мои 4 ќерки да ги испратам на училиште, за да подоцна имаат достојна професија. Со сите мои сили, го направив сето возможно за да можат тие да живеат достојно. Навистина не сакав некој да ги гледа, како што ме гледаа мене.

Луѓето отсекогаш ме понижуваа и затоа решив дека не сакам моите ќерки да поминуваат низ истото. Никогаш не успеав да си купам нова блуза, бидејќи сето заработено го трошев на нивните учебници и воопшто не жалам за тоа.

Се сеќавам на последниот ден од рокот за прием на факултетот на мојата најстара ќерка. Немав доволно за да платам за последната такса. Тој ден не можев да работам. Седнав на една клупа и едвај се обидував да ги сокријам солзите. Сите мои колеги сочувствуваа со мене, а јас немав срце да соопштам на ќерка ми кога ме праша за пари. Јас сум роден сиромашен, но секогаш сум сонувал моите деца да имаат подобар живот.

Не знаев што да правам, стравував дека мојата ќерка нема да успее да се запише на факултет, но следниот ден колегите ме пречекаа со зборовите: „Ако  е неопходно денес ќе гладуваме, но НАШАТА ќерка ќе отиде на факултет.“, а потоа ми дадоа плик во кој имаа соберено пари. Не можев да ги одбијам.

Тој ден се вратив дома, без претходно да се туширам. Се вратив како чистач.

Денес мојата ќерка е успешно дипломирана и работи со полно работно време, при што успева да ги покрие трошоците за останатите нејзини сестри, па дури и за мене, при што не ми дозволуваат ништо да работам.

Моите ќерки се исто така неверојатно хумани, бидејќи не го заборавија и гестот на моите колеги. И ним им помагаат колку што можат.

Затоа во моментот не се чувствувам сиромашен. Човек со вакви златни деца едноставно не може да биде сиромашен.“