Научниците и медицинскиот персонал предупредуваат на неселективна употреба на витамински додатоци среде пандемија од коронавирусот, вклучувајќи злоупотреба или прекумерно внесување на додатоци во исхраната со витамин Д, што може да има контраефект и да биде многу опасно по здравјето.

Во обид да го подобрат имунитетот и на тој начин да се заштитат од коронавирусот, луѓето внесуваат поголеми количини на егзогени супстанции или соединенија кои ја менуваат функцијата на ендокриниот систем со брзина на која не е навикнато телото, што може да биде опасно.

На телото му се потребни одредени супстанции за да се развива и да функционира оптимално. Некои од нив се витамини кои придонесуваат за правилно функционирање на организмот. Витаминот Д конкретно придонесува за апсорпција на калциум, еден од факторите важни за градење на коските.

Но тоа не е неговата единствена улога. Подеднакво придонесува за здраво функционирање на нервниот, мускулниот и имунолошкиот систем, и поради ова, за време на пандемијата на коронавирусот, дополнителното количество витамин Д е важно за зајакнување на имунитетот.

И токму тоа е причината што многу луѓе „сами“ започнаа да земаат додатоци богати со витамин Д, но веќе се појавија негативните последици.

Тешки последици

Истражувањата покажаа дека на голем број луѓе кои страдаат од ковид-19 им недостасува доволна количина на витамин Д, поради што е инициран тренд на внесување поголеми количини на овој витамин за заштита од вирусот.

За само неколку месеци, научниците преминаа од предупредување за недостаток на витамин Д кај населението до предупредување за злоупотреба и неселективна употреба на додатоци за зајакнување на имунитетот.

Потребата на организмот за витамин Д варира од личност до личност, така што не постои единствено ниво на витамин Д што укажува на недостаток, а во исто време нема консензус за точното ниво на витамин Д што би било оптимално за здравјето на поединецот,  велат научници од Националниот институт за здравство на САД.

Тие предупредуваат дека превисоките концентрации на витамин Д во крвта се скоро секогаш резултат на неговото прекумерно внесување преку додатоци во исхраната кои се користат како додаток на вообичаената диета и, меѓу другото, можат да резултираат со ренална инсуфициенција и аритмија, и во најлош случај случај, смрт.

Не ги игнорирајте предупредувања

Хиперкалцемија кај деца и возрасни пациенти е се почеста кај луѓето кои земале повеќе витамин Д отколку што е препорачано за време на пандемија. Американски научници истакнуваат дека секој организам реагира различно.

Во обид за подобро информирање на населението, Националниот институт за здравство на САД (NIH) предупредува:

Внесувањето на премногу витамин Д може да биде штетно. Прекумерното ниво во крвта (поголемо од 150 ng / ml) може да резултира со гадење, повраќање, мускулна слабост, дезориентираност, болка, губење на апетит, дехидратација, прекумерно мокрење, зголемена жед, камен во бубрег, откажување на бубрегот, аритмија и други проблеми.

Бројни здравствени установи ширум светот предупредуваат на прекумерна употреба на додатоци во исхраната без препорака на лекар, но се чини дека нивните предупредувања се игнорираат.