Вчера принцот Хари и војвотката Меган му посакаа добредојде на своето прво дете.

Војвотката од Сасекс роди здраво машко дете, а во официјалната објава од Палатата, беше истакнато дека, следејќи го кралскиот протокол, Кралицата Елизабета била меѓу првите известени за раѓањето на новиот кралски член.

Но, за разлика од раѓањето на трите деца на принцот Вилијам, неговиот брат, принцот Хари одлучи да и оддаде почит на својата мајка, принцезата Дијана, на еден прекрасен начин.

Имено, покрај известувањето на кралските членови за раѓањето на неговото прво дете, принцот Хари за приновата ги известил и сестрите и братот на неговата мајка.

На Џејн Фелоус, Сара МекКоркјудел и Ирл Спенсер исто така им била дадена можноста први да ја слушнат веста лично од новите родители и заедно да ја споделат радоста за внукот.

Палатата исто така ја информираше јавноста дека мајката на војвотката Меган, престојува заедно со парот во нивната куќа во Фрогмор.

Вчера, принцот Хари ја сподели лично својата среќа со светот, изјавувајќи: „Неверојатно многу се гордеам со својата сопруга!“, притоа додаде дека и тој самиот присустувал на породувањето.

Војвотката Меган роди здраво момче, тешко 3.3 килограми, а неговото име сè уште не е познато, односно гордиот татко изјави дека сè уште размислуваат за изборот и предлозите.