„По 21 година брак, мојата сопруга сакаше да однесам друга жена на вечера и на кино.“…Во продолжение прочитајте една животна приказна која пренесува моќна порака.

„По 21 година брак, мојата сопруга сакаше да однесам друга жена на вечера и на кино. Ми рече: „Те сакам, но таа друга жена исто така те сака и би била среќна да поминеш малку време со неа“.

„Другата“ жена која, мојата сопруга сакаше да ја однесам на вечера всушност беше мојата мајка, која веќе 19 години е вдовица, а која не ја посетував често поради бројни работни обврски и зафатеноста со трите деца.

Таа вечер й се јавив, за да ја поканам на вечера и на кино.

„Што не е во ред? Добар ли си?“- праша таа. Мајка ми е од оној тип на луѓе, за кои јавувањето во вечерните часови или изненадниот повик се предзнак за нешто лошо.

„Мислев, дека би било убаво да поминеме малку време заедно. Само ние двајцата.“- одговорив јас. Таа се подзамисли на момент и ми рече: „Да, многу би сакала да те видам!“

Следниот ден отидов да ја земам од нејзиниот дом и забележав дека има малку трема поради нашата средба. Ме чекаше пред врата, облечена во нејзиното омилено палто. Ја имаше навиткано косата и го имаше облечено оној фустан, кој го облекува само за многу специјални поводи, како кога ја празнуваше последната годишнина од бракот. На лицето имаше чудесна весела насмевка.

„Се пофалив на пријателките дека ќе имам средба со синот и тие беа вчудовидени. Нетрпелива сум да им раскажам подоцона како сум си поминала“- рече таа.

Отидовме во еден ресторан, кој не беше од најскапите, но беше пријатен и удобен. Кога седнавме, требаше да го прочитаме менито. Таа можеше само да ги прочита големите букви. Додека го читав своето мени, ја кренав главата и забележав дека ме гледа со блага носталгична насмевка.

„Јас бев таа која ти го читаше менито, кога беше мал“- додаде мајка ми. Одговорив дека сега е ред да ми дозволи да ја возвратам услугата и јас да го прочитам менито за неа.

За време на вечерата водевме опуштен разговор на вообичаените секојдневни теми. Толку многу разговаравме, што времето помина и не отидовме на кино. Кога се вративме, пред да ја оставам дома ми рече: „Би сакала повторно да излезам со тебе, но само ако овој пат, јас ќе бидам таа што ќе те покани.“, а јас радосно се согласив.

Кога се вратив дома, сопругата ме праша како ми поминала средбата. „Одлично, едноставно многу подобро отколку што мислев“- одговорив јас.

По само неколку дена, мајка ми почина од инфаркт. Се случи толку неочекувано, при што немав можност да сторам нешто за неа.

По одредено време добив писмо во кое имаше платена сметка од ресторанот во кој вечерав со мајка ми. Со писмото имаше и мала порака.

„Сметката ја платив предвреме, бидејќи не знаев дали јас ќе бидам присутна. Но, сепак платив две порции, за тебе и твојата сопруга. Никогаш нема да разбереш колку многу таа вечера значеше за мене! Те сакам сине!“- напишала мајка ми, која ја планирала нашата втора средба.

Во тој момент го сфатив вистинското значење на зборовите „Те сакам“ и сфатив дека секогаш треба да одделиме време за луѓето кои ги сакаме. Ништо во животот не е поважно од семејството. Посвете време на вашите најблиски, бидејќи понекогаш зборовите кои може да им ги кажете сега, подоцна ќе немате можност да го сторите истото.“