Доколку обожавате да приготвувате домашни десерти, особено торти, тогаш овој рецепт ќе ве воодушеви и тоа на еден нов и поинаков начин.

Кралска оревова торта

Потребни состојки за кората

  • 10 белки
  • 250 гр шеќер во прав
  • 300-400 гр ореви
  • 25 гр нишесте

Начин на подготовка

Одделете ги жолчките од белките. Следно, додадете го шеќерот во прав кон белките и со мискерот измешајте ги состојките, до добивање на густа текстура.

Пресејте го нишестето во смесата и повторно измешајте ги состојките. Сомелете ги оревите и додадете ги и нив кон смесата и измешајте.

Во правоаголен сад, поставете хартија за печење и одозгора додадете ја смесата од белките, притоа распространувајќи ја на целата површина подеднакво.

Печете во рерна 25 минути, на температура од 180°C.

Готовата кора поделете ја на 3 дела.

Потребни состојки за филот

  • 10 жолчки
  • 160 гр шеќер во прав
  • 2 супени лажици какао
  • 30 мл рум
  • 100 мл пресно млеко
  • 200 гр путер

Начин на подготовка

Измешајте ги жолчките со шеќерот во прав. Додадете малку млеко кон смесата и повторно измешајте. Добиената смеса поставете ја да се вари, додека не стане густа.

Потоа оставете го филот да се излади 10 минути. Додадете го претходно омекнатиот путер кон изладената смеса и добро измешајте.

Следно, додадете го и какаото кон смесата, а потоа и румот и повторно добро измешајте ги сите состојки заедно.

Оставете го филот да се излади.

А сега подгответе ја тортата. Нанесете го филот на корите, како на вообичаениот начин на правење торта, а со остатокот од филот, премачкајте ја надворешноста на тортата. Одозгора нанесете малку ореви за декорација и поставете ја тортата во ладилникот да се излади и омекне.

Пријатен апетит!