Кондуктер од Лонг Ајленд, Њујорк, САД, нашол торба полна со огромни дијамантски прстени вредни 100.000 американски долари.

И покрај тоа што многумина би биле во искушение да кажат „кој си ја најде негова си е“, Џонатан Јелоудеј ја стори правилната работа и го врати скапиот накит на вистинскиот сопственик.

Јелоудеј ја пронашол торбата со 36 дијамантски прстени додека работел како кондуктер на возот кој патувал  од станицата Пен до Порт Вашингтон.

Потсетувајќи се на искушението, кондуктерот изјави: „Не изгледаше реално. Постојано си мислев дека е некоја шега“.

На крајот излезе дека прстените припаѓаат на златар кој патувал со возот и случајно ја оставил скапата стока на седиштето.

И покрај тоа што не сакаше да биде идентификуван, златарот изјави: „Почнав да ја пребарувам цела куќа, торбата едноставно ја немаше, потоа размислив подобро и сфатив дека воопшто не сум ја донел дома, ми стана јасно дека сум ја заборавил во возот“.

За среќа на златарот, Јелоудеј веднаш ја пријавил торбата во одделот за „изгубено и најдено“ и таа била  вратена на вистинскиот соппственик.