Џудит Виорст, писателката на легендарната детска книга „Александар и ужасниот, страшен, многу лош ден“ никогаш толку го нема сакано својот живот како што го сака сега, на 90 години.

„Пред некој месец ме прашаа кој дел, кој момент од мојот живот ми бил најсреќен. Мојот одговор го изненади водителот, но ме изненади и мене. Наместо да го одберам моментот кога вистински се вљубив, кога го родив моето прво дете или кога ја објавив мојата прва книга, на кратко се навратив на моите изминати 80 години и реков „Токму сега“, сега е мојот најсреќен дел од животот.

Изгледа немам желба да го вратам времето пред 30, 40 или 50 години и претпочитам да го живеам и да уживам во сегашниот момент. Факт е дека јас сум стара, а со тоа факт е дека многу од луѓето кои ги сакав, починаа. Не дека деновите на оваа возраст се многу гламурозни. Косата ми паѓа, не можам да ги најдам очилата или клучевите и толку често одам на лекар, што и јас станав специјалист. Но, без да се двоумам, најдоброто не е зад или пред мене, туку токму сега.

Зошто? Пред да одговорам, мора да кажам дека јас сум една многу среќна дама. Среќна сум што се омажив со љубовта на мојот живот и во брак сме веќе 60 години. Среќна сум што на моите деца и внуци им оди одлично во животот. Среќна сум што имам вистински пријатели. Но, пред се, свесна сум дека имам среќа.

Дали имам неуспеси, разочарувања, загуби? Секако дека имам. Но, сфатив дека треба секој треба да биде благодарен за работите кои ги добил, не кои ги загубил. Благодарноста е неверојатна работа и вие треба да бидете благодарни.

Среќата почнува од самите нас. Ние сме светлината во нашиот живот, а со тоа и на останатите околу нас. Благодарноста ќе ви помогне да станете потолерантни, помалку да осудувате, повеќе да опростувате, да не ги запоставувате најблиските. Сите сме напорни, па и ти. Но, мора да се прифатиме, за да бидеме прифатени од останатите.

Кога бев помлада, секогаш замислував подобар живот, подобра кариера. Но, сфатив дека јас веќе тоа го имам. Најдоброто е во моментот, не во минатото, не во иднината.

А мојот најдобар и наједноставен совет? Смејте се! Секогаш најдете причина да се смеете. Смеењето е најдобриот одбрамбен механизам, а мене ми беа потребни децении за тоа да го научам.“