Во православниот каландар постојат три личности со исто име света Параскева – Петка, поради што луѓето мислат дека се работи за иста личност. Првата е света Петка – Римјанка, втората света Петка од Иконија и третата света Петка Епиватска, позната и како Трновска. Најпозната меѓу нив е третата чијшто празник, познат под името Петковден се празнува на 27/14 октомври.

Св. Петка уште позната и како Св. Параскева и како Мајка Параскева е родена кон крајот на 10 век, во петок, денот кога Евреите се подготвуваат за празнување на празникот Сабат.

По смртта на родителите, девицата Петка, желна за подвижнички живот, го напуштила родителскиот дом и отишла прво во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што останала до својата старост.

Кога св. Петка била стара ѝ се јавил ангел и ѝ рекол: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ“.

Света Петка го послушала небесниот глас, ја оставила пустината и се вратила во Епиват. Таму, таа поживеала уште две години и умрела во 11 век. Бидејќи нејзините сограѓани ја сметале за туѓинка, по нејзината смрт не ја погребале во христијанските гробишта.

Кога поминале многу, во градот требало да се погреба некој непознат давеник. Бидејќи бил туѓинец решиле да го погребаат надвор од гробиштата и тоа на истото место каде што била погребана светицата. Кога го отвориле нејзиниот гроб, забележале дека нејзиното тело не е распаднато, се зачудиле, но помислиле: „Ако ова тело е свето, Бог тоа ќе го открие преку некакви чуда. Со таа мисла, тие повторно го затрупале гробот“.

Ноќта, еден од работниците што учествувал на погребот по име Георгиј, на сон видел некоја царица седната на престол и опкружена со војници. Еден од војниците му се доближил, го фатил за рака и му рекол: „Георгиј, зошто така го омаловаживте телото на Параскева и крај неа погребавте смрдлив труп?“

Потоа и светлата царица му рекла: „Побрзај и извади ги моите мошти и положи ги на чесно место, зашто не можам повеќе да ја трпам смрдеата од оној труп. Зашто и јас сум човек, а моја татковина е Епиват, каде што вие сега живеете”.

Таа ноќ ист сон сонувала и некоја благочестива жена по име Ефтимија. Утредента тие двајцата ги раскажале своите виденија на сите. Кога тоа го слушнал народот, со свеќи побрзале кон моштите на преподобна Параскева, и со стравопочит ги извадиле од земјата, радувајќи се како на скапоцено богатство.

Светите мошти свечено биле положени во црквата „Св. Петар и Павле”, во Епиват. По молитвите на преподобната Параскева се давале многу исцеленија на болните: слепите прогледувале, куците проодувале, секакви болни оздравувале.