Една жена им приреди  изненадување на своите сопатници откако се породи сред лет, но никој не беше поизненаден од новата мајка бидејќи таа тврди дека не знаела дека е бремена.

Лавинија Мунга, од Јута, САД, заминала на одмор со своето семејство кога започнале контракциите.

За среќа, на летот имало голем број медицински професионалци, вклучувајќи и три медицински сестри кои успеале безбедно да ја породат Лавинија во авионот.

Лани Бамфилд, медицинска сестра од Канзас Сити, САД, која и помогна на Лавинија, го сподели своето искуство со породување на бебе сред лет на Фејсбук, пишувајќи „Ако некој би сакал да знае како оди нашето патување на Хаваи… еве како започна… ние породивме жена во авионска бања, на сред океан, ТРИ ЧАСА пред конечно да слетаме, но бебето и мајката се супер“.

Бебето, кое Лавинија го нарече Рејмонд Каимана Вејд Кобе Лаваки Мунга, беше однесено во болница при слетувањето, а мајката и синот ќе останат на Хаваите додека бебето не биде доволно силно за да лета дома за Јута.

Веста беше огромен шок и за партнерот на Лавинија, Итан Магалеи, кој го прими најнеочекуваниот повик во животот.

Во објава на Фејсбук, Итан потврди дека тој и Лавинија не знаеле дека таа е бремена, пишувајќи: „фактот дека нашиот син е тука е вистинско чудо, навистина не знаевме дека ќе имаме бебе“.