Повеќе од три децении, „Италијанскиот Робинзон Крусо“, Мауро Моранди живееше осамен живот на Будели, остров помеѓу Сардинија и Корзика, познат по своите плажи со розов песок.

Мауро Моранди првпат го посетил островот  Будели во 1989 година, додека бил на пат кон јужниот дел на Пацификот. Моранди слушнл дека чуварот на островот требал да се пензионира, па решил да го замени.

Моранди се преселил во поранешно засолниште од втората светска војна со поглед кон океанот и започнал да учи се што треба да се знае за ова рајско место.

Единствениот жител на Будели, Моранди, кој по потекло е од Модена во централна Италија, работеше напорно за да го заштити и зачува островот, изучувајќи го неговиот екосистем и раскажувајќи им на посетителите за убавината на островот.

За жал, рајскиот живот на Моранди се најде под закана во 2016 година, кога судот донесе одлука дека островот му припаѓа на Националниот парк на Архипелагот Ла Мадалена.

Истата година претставниците на паркот го оспорија правото на Моранди да живее на Будели, што доведе до десетици илјади луѓе да потпишат петиција за поддршка на старецот.

Моранди рече дека решил да го напушти островот засекогаш по неколку закани за иселување.

Моранди изјави:

„Јас се откажав од борбата. По 32 години поминати тука се чувствувам многу тажно што замиувам“.

Моранди додаде дека наскоро ќе се пресели во мал стан на Ла Мадалена, најголемиот остров на архипелагот.

Многу луѓе се тажни и загрижени од помислата дека Моранди веќе не е таму за да се грижи за својот сакан Будели. Властите сега имаат намера да го трансформираат островот во центар за еколошко образование.