Без разлика дали уживате да готвите или не кујната може да предизвика многу стрес кај домаќинките. Не е лесно да се биде домаќинка, а особено ако во исто време и работите, затоа кујната може да биде место каде што доаѓаат до израз многу фрустрации. Едноставно треба да се помириме дека понекогаш и најдобрите не успеваат од прв пат и да продолжиме со усовршување на кулинарските способности. Еве неколку знаци кои покажуваат дека непотребно си создавате стрес во кујната.

Очекувањата се премногу високи

Толку многу фактори можат да влијаат врз крајниот резултат на вашето готвење. Секој кромид, секое пилешко, секој домат е различен – од големината, преку водата до вкусот. Значи, не можете да го очекувате истиот резултат, освен ако не користите сосема исти производи (што е апсолутно невозможно).

Строго ги следите рецептите

Нема ништо погрешно да се обрне внимание на количините и конзистентноста што е опишана во рецептот, но не заборавајте – готвењето не е математика. Можеби пишува дека стекот треба да се пржи 3 минути, но вашето парче да е сè уште крваво црвено, затоа што можеби е поголемо од тоа во рецептот, шпоретот има поинаква температура, тавата има подебело дно или слично.

Несигурни сте

Не е важно пред кого ја служите храната, дали тоа ќе е вашата мајка, сопруг, пријатели, важно е дека кога ќе ја принесете храната на масата да не кажувате „Не ми излезе добро, но што да се прави.“ Ова звучи како извинување, на кој што најчесто ќе добиете комплимент од жалење или во старт ќе влијаете на проценувањето на вкусот на храната. Затоа како и во животот така и во кујната, треба да бидете самоуверени.

Не сакате помош

Нема ништо лошо да побарате помош и никој нема да Ве сфати како губитници во кујната. Секогаш е од корист да побарате некој друг да ја направи салата додека Вие готвите, за да имате повеќе време да се сконцентрирате на главното јадење.

Премногу сте самокритични

Ние сме најголеми критичари. И знаете кој не е – нашите гости на вечера. Колку пати сте отишле на гости и сте обрнувале внимание на малите несовршености, наместо да уживате во пријатното друштво? А колку пати некој ви е приготвил јадење и сте биле незадоволни? Најчесто кога некој друг вложил труд и напор да зготви нешто работите имаат подобар вкус.

Затоа сипете си чаша вино и уживајте!